С Т А Т У Т НА ДРЖАВЕН СТУДЕНТСКИ ДОМ „С К О П Ј Е” С К О П Ј Е

Врз основа  на член 35 став 1 алинеа 1 од Законот за  студентскиот стандард („Службен весник на Република Македонија“ бр.15/13, 120/13, 41/2014 и 146/2015), Управниот одбор на Државен студентски дом „Скопје” – Скопје, на седницата одржана на ден 18.12.2015 година,  го донесе следниот:

 

 

С Т А Т У Т

НА ДРЖАВЕН  СТУДЕНТСКИ  ДОМ С К О П Ј Е”

С К О П Ј Е

 

  1. ОСНОВНИ ОДРЕДБИ

 

 

Член  1

            Со овој  Статут на Државниот студентски дом „Скопје”- Скопје (во понатамошен текст: Домот) се уредува називот и седиштето, дејноста, внатрешната организација, управувањето и раководењето, финансирањето, одбраната, јавноста во работењето и други прашања.

 

Член 2

Домот има својство на правно лице и е запишан во Централен регистар на Република Македонија.

Домот е организиран како јавна установа и дејноста што ја врши е од јавен интерес за остварување на интересите и потребите за престој на студентите кои студираат надвор од местото на живеење.

Домот како установа од јавен интерес им обезбедува на студентите сместување, исхрана, грижа за здравјето, културно-забавни, спортско-рекреативни и други активности.

 

Член 3

Името на Домот е: Државен студентски дом „Скопје”- Скопје.

Скратен назив е: ДСД ,,Скопје“ – Скопјe.

Седиштето на Домот е во Скопје, со адреса на ул. „Митрополит Теодосиј Гологанов” бр.26-б.

 

Член 4

Домот е правен следбеник на студенскиот дом кој е основан со Решение бр.1275/52 од 01.12.1952 година од страна на Владата на Република Македонија.

 

Член 5

Домот има печат и штембил.

Печатот има кружен облик, во средината на печатот е грбот на Република Македонија, а од страната името на Република Македонија и името (називот) и седиштето на Домот.

Штембилот има правоаголна форма, со текст редоследно напишан:

Република  Македонија, Државен студентски дом „Скопје”- Скопје,  место за пишување број, место за пишување дата и на крајот пишува Скопје.

Употребата и чувањето на печатот и штембилот се врши од овластени лица од директорот на домот, на начин утврден со посебен акт.

Член 6

Домот има статут.

Согласност на статутот на Домот дава Министерството за образование и наука (во натамошниот текст: Министерството).

 

 

  1. ДЕЈНОСТ

 

Член 7

Основна дејност на Домот е обезбедување на сместување, исхрана, грижа за здравјето, културно-забавни, спортско-рекреативни и друга  активност  на студентите кои студираат надвор од местото на живеење.

Шифра на дејност на Домот е 55.90 – друг вид сместување (домови за студенти);

Други дејности на Домот се:

-10.71 производство на леб,печива и слатки во свежа состојба;

-56.10 ресторани и гостилници (без соби за сместување);

-56.10 услуги на други угостителски објекти;

-93.29 останати забавни и рекреативни дејности,неспомнати на друго место;

 

Член 8

Ако во Домот останат непополнети места, истите можат да се пополнат со студенти кои не ги исполнуваат условите согласно Конкурсот за прием на студенти во државните студентски домови.

Студентите од став 1 на овој член плаќаат полна економска цена за сместување и исхрана.

Доколку во Домот останат слободни места може да се пополнат со редовни ученици од средните училишта согласно Законот за ученичкиот стандард.

 

 

III.  ВНАТРЕШНА ОРГАНИЗАЦИЈА

 

Член 9

Внатрешната организациска поставеност на Домот се состои од следниве одделенија, и тоа:

1.Одделение за општи и правни  работи;

2.Одделение за човечки ресурси;

3.Одделение за јавни набавки

  1. Одделение за финансиско, сметководствено и материјално работење;

5.Одделение за сместување;

6.Одделение за помошно-технички работи; и

7.Одделение за исхрана.

Член 10

Домот во својот состав има четири посебни организациони единици, на територијата на град Скопје, и тоа:

  • Студенски дом ,,Кузман Јосифовски Питу“ – Скопје;
  • Студентски дом ,,Гоце Делчев“- Скопје;
  • Студентски дом ,,Невена Ѓорѓиева Дуња“- Скопје и
  • Студентска населба ,,Стив Наумов“- Скопје.

 

 

 

Член 11

Со секоја од посебните организациони единици од членот 10 на овој Статут, раководи управник како одговорно лице, кое е именувано од страна на директорот на Домот, и тоа:

  • еден управник на Студенски дом ,,Кузман Јосифифски Питу“ – Скопје;
  • четири управници на Студентски дом ,,Гоце Делчев“- Скопје;
  • еден управник на Студентски дом ,,Невена Ѓорѓиева Дуња“- Скопје и
  • тројца управници на Студентска населба ,,Стив Наумов“- Скопје.

 

Член 12

Внатрешната организација на Домот се уредува со посебен акт за организација.

 

Член 13

Дејноста во Домот се извршува во три смени за што одлука донесува Директорот на Домот.

Распоредот на работното време на работниците во рамките на 40 часовната работна недела во Домот, се утврдува со акт на директорот во согласност со закон и колективен договор.

Дневниот и годишниот одмор на работниците се уредува со акт на директорот во согласност со закон и колективен договор.

 

 

  1. ПРОГРАМА ЗА РАБОТА

Член 14

Работата на Домот во текот на студиската година се утврдува со годишна програма.

Годишната програма за работа на Домот ја донесува управниот одбор на домот на предлог на директорот на домот најдоцна до 1 ноември во тековната година.

 

 

  1. СТУДЕНТИ

 

Член 15

Статус на студент – станар во Домот се стекнува со прием во Домот, по претходно запишување на некој од факултетите.

Условите и критериумите за прием на студентите поблиску се определуваат и уредуваат со Законот за студентскиот стандард и истите се наведуваат во Конкурсот.

 

Член 16

Директорот на Домот од редот на вработените во Дом, определува лице/лица одговорни за сместување на примените студенти – раководител/и за сместување.

Домот со примените студенти склучува договор за користење на услугите.

 

 

 

Член 17

При користењето на услугите во Домот студентот е должен да се придржува на Куќниот ред што го донесува Управниот одбор.

Поради повреда на должностите или поради неисполнување на обврските на студентот може да му се изрече воспитна мерка, и тоа:

-Писмена  опомена;

-Опомена пред отстранување и

-Забрана за користење на услугите во Домот.

 

Член 18

Воспитните мерки писмена опомена и опомена пред отстранување  се изрекуваат за полесни повреди на куќниот ред на Домот.

 

Член 19

Полесна повреда на куќниот ред на Домот е:

– недолично и неодговорно однесување кон другите студенти и вработени во Домот,

– неодговорно однесување кон имотот и инвентарот на Домот со што се предизвикува помала материјална штета,

– непочитување на забраната за пушење во Домот,

– непристојно однесување во ресторанот на Домот,

– не одржување на хигиената во собата и заедничките простории во Домот и

– пуштање на гласна музика.

 

Член 20

Забрана за користење на услугите во Домот може да се изрече само за потешки повреди на куќниот ред на Домот.

Потешка повреда на куќниот ред на Домот е:

– ненавремено пријавување на дефекти на уредите кои би предизвикале материјална штета;

– внесување и употреба на алкохол или наркотични средства;

– непридржување на прописите за заштита од болест, пожар, експлозија, штетно дејствување на отрови и други опасни материи и повреда на прописите за заштита на животната средина;

– навредливо или насилничко однесување;

– неодговорно однесување кон имотот и инвентарот на Домот со што се предизвикува поголема материјална штета;

– ненамирени трошоци за сместување во Домот повеќе од три месеци;

– предизвикување на национална или расна нетрпеливост;

– непреземање или делумно преземање  на пропишаните мерки за осигурување на безбедноста на доверениот инвентар;

– спречување на вршење на контрола во собата од овластено лице во Домот;

– отстапување на користење на собата на друго лице со стекнување на материјална корист и

– повторување на полесни повреди на куќниот ред.

 

Член 21

Забраната на користење услуги во Домот може да се изрече во траење до една година.

 

 

 

Член 22

Против изречената воспитна мерка студентот има право на приговор во рок од 8 (осум) дена  од денот на доставувањето на одлуката, до Управниот одбор на Домот.

Управниот одбор може воспитната мерка да ја потврди, измени или укине.

Одлуката по приговорот е конечна.

 

Член 23

Студентите кои не се придржуваат на куќниот ред и/или ќе направат штета на Домот, покрај изречената воспитна мерка ја надоместуваат и направената штета согласно одлуката за утврдување на ценовник за исплата на направената штета, донесена од страна на Управниот одбор на Домот.

Изречената мерка се забележува во соодветната документација на студентот.

 

Член 24

Доколку сместениот студент нема да изврши навремено плаќање на партиципацијата за сместување и исхрана, Домот има за право долгот да го наплати по судски пат.

 

Член  25

Воспитните мерки ги изрекува дисциплинска комисија формирана од директорот на Домот, по поднесена пријава од страна на Управникот на секоја од посебните организациони единици на Домот.

Дисциплинската комисија е составена од пет членови и тоа: четири членови од редот на вработените во Домот и еден член е од Советот на станарите на Домот.

Мандатот на членовите на комисијата е една година.

 

Член 26

Статусот на студент корисник на услугите во Домот престанува ако:

– не се пријави во роковите што се определени со конкурсот;

– го заврши факултетот;

– се исели;

– е на издржување казна затвор повеќе од три месеци;

– во случај на нарушена здравствена состојба на студентот, заради болничко лекување, со приложена соодветна медицинска документација;

– во случај на патување на студентот во странство со приложена документација;

– се изрече мерка забрана на користење на услугите во Домот;

– ја повторил годината два и повеќе пати во текот на студирањето и

– во други случаи утврдени со закон.

 

 

  1. ДОКУМЕНТАЦИЈА И ЕВИДЕНЦИЈА

 

Член 27

Во Домот за примените студенти се води документација и евиденција.

Документација во Домот е главната книга каде што се води евиденција за примените студенти.

Евиденција во Домот е досието што се води за секој примен студент.

Главната книга на примените студенти е документ од трајна вредност.

Главната книга во Домот се води и издава на македонски јазик со

употреба на кирилското писмо.

За студентите од припадниците на заедниците кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, досието се води и издава на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот и писмото што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа.

 

 

 

VII. ЦЕНА ЗА ПРЕСТОЈУВАЊЕ НА СТУДЕНТИТЕ ВО ДОМОТ

 

Член 28

Цената за сместување и исхрана во Домот се утврдува врз основа на реалните трошоци согласно со нормативи и стандарди за овој вид услуги.

Министерството, за студентите кои се сместени во Домот партиципира во цената за сместување и исхрана до 50% од утврдената цена согласно со ставот (1) на овој член, а разликата до вкупната цена ја доплаќа студентот.

Министерството, за студентите кои се сместени во државен студентски дом деца без родители и родителска грижа, деца со посебни потреби, деца на невработени родители, деца на самохрани родители, деца на корисници на социјална парична помош и постојана парична помош и деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работниот однос од деловни причини, целосно ја плаќа цената за сместување и исхрана од ставот (1) на овој член, освен за деца на самохрани родители, деца на невработени родители и деца на корисници на надоместок по основ на престанок на работниот однос од деловни причини за кои вкупните приходи во семејството се над минималната плата утврдена во Република Македонија.

 

Член 29

Висината на цената за сместување и исхрана во домовите се утврдува со програмата за остварување и развој на дејноста студентски стандард.

 

 

VIII.  УПРАВУВАЊЕ И РАКОВОДЕЊЕ

 

 

Член 30

            Орган на управување во Домот е Управниот одбор.

Управниот одбор е составен од седум члена, и тоа:

  1. тројца претставници од основачот;
  2. двајца од редот на вработените;
  3. еден претставник од здружението на студентите (Студентски парламент на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје) и
  4. еден претставник од Државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ -Скопје.

 

Член  31

За работите од својата надлежност управниот одбор донесува одлуки, со мнозинство гласови од вкупниот број членови на одборот.

Работата на управниот одбор,  поблиску се уредува со деловник за работа.

 

Член 32

Претставниците на основачот ги именува и разрешува Владата на Република Македонија.

 

 

Член 33

Претставниците на вработените во Домот ги именува и разрешува директорот.

 

Член 34

Претставниците на здружението на студентите од универзитетот и на универзитетот, се избираат и разрешуваат на начин утврден со статутите на универзитетите односно на статутите на здруженијата на студенти.

 

Член 35

Членовите на управниот одбор се именуваат за период од четири години, со право на уште еден избор.

 

Член 36

Мандатот на членовите на управниот одбор почнува од неговото конституирање.

Конститутивната седница на управниот одбор ја свикува и со неа раководи до изборот на нов претседател,претседателот на претходниот орган на управување.

Управниот одбор избира претседател и заменик претседател, постојани или привремени комисии.

 

Член 37

Мандатот на членовите на управниот одбор може да престане и пред истекот на времето од четири години, по негово барање, со отповикување или ако му престане статусот вработен во иституцијата од каде е именуван, односно статусот студент.

 

 

Член  38

Отповикување на член на управен одбор врши органот што го именувал.

Членот на управниот одбор може да биде отповикан ако:

– неоправдано отсуствувал на три седници;

– е на издржување на казна затвор подолга од 6 месеци;

– е осуден за кривично дело кое го прави недостоен за вршење на својата функција;

– ако работи против интересите на Домот и работата на службите.

 

Член 39

Седниците на управниот одбор ги свикува и со нив раководи претседателот, а во негово отсуство заменик претседателот.

Управниот одбор се свикува по иницијатива на претседателот, по предлог на директорот, или по предлог на една третина од членовите на управниот одбор и по барање на надлежен орган.

 

Член 40

Изборите за  членови на  управниот одбор ги распишува управниот одбор на Домот најдоцна три месеци пред истекот на мандатот на членовите.

 

Член 41

Управниот одбор во Домот:

-донесува статут;

-донесува годишна програма за работа и ја доставува до Министерството најдоцна до 31 Декември во тековната година за наредната година;

-донесува извештај за работата во претходната година и го доставува до Министерството до 31 Јануари во тековната година;

-донесува годишен финансиски план и го доставува до Министерството до 30 Ноември во тековната година за наредната година;

-донесува завршна сметка и ја доставува до Министерството;

-објавува јавен оглас за избор на директор;

-врши интервју со кандидатите за директор;

-предлага кандидат за директор од пријавените кандидати на објавениот јавен  оглас за  именување на директор;

-предлага цена за сместување и исхрана;

-одлучува по приговори и жалби на вработените во Домот;

-одлучува по приговори и жалби на студенти;

-именува членови на комисии;

-врши и други работи утврдени со закон.

 

 

Член 42

За работата на седниците на управниот одбор се води записник, кој ги содржи основните податоци и тоа: реден број на седница, назив на органот кој ја одржува, датум, место, време на одржување, број на присутни, отсутни, куса содржина на дискусии, донесени одлуки, заклучоци, мнозинство со кое се донесени, потпис на претседавачот и записничарот.

Записникот се заверува во деловодната книга на Домот.

 

Член 43

Орган на раководење во Домот е директор, кој се избира на начин и постапка согласно Законот.

Директорот на Домот  ја организира  и раководи  работата, самостојно донесува одлуки, го застапува Домот пред трети лица и е одговорен за законитоста во работата и за материјално-финансиското работење на Домот.

Директорот носи одлуки, решенија и други акти при вршењето на работите од своја надлежност, согласно Закон.

 

Член 44

Директорот го застапува Домот пред трети лица, без ограничувања на овластувањата.

Во случај  на отсуство на директорот, Домот  го застапува лице кое тој ќе го определи.

Директорот во рамките на своите  надлежности може да овласти друго лице за превземање на определени правни и други дејствија.

 

Член 45

За директор на Домот може да биде избрано лице кое ги исполнува следниве услови:

1) е државјанин на Република Македонија;

2) во моментот на избирањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност;

3) има стекнати најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование;

4) има минимум пет години работно искуство;

5) поседува еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години:

– ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода,

– ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода,

– ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво,

– ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен,

– БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода

6) да има положено психолошки тест и тест за интегритет.

 

Член 46

Мандатот на директорот на Домот трае четири години со право на повторен избор.

                                               

 

Член 47

Работата на директорот ја оценува Министерот за образование и наука, (во натамошниот текст: Министерот) врз основа на претходно доставено мислење од Управниот одбор и извештајот за реализација на годишната програма и матерјално-финансиско работење на Домот.

 

Член 48

Директорот на Домот ја организира и раководи со работата на Домот, самостојно донесува одлуки од делокругот на неговата работа утврдена со закон и актите на Домот  и го застапува пред трети лица.

 

Член 49

Во остварувањето на обврските и раководењето директорот:

– предлага годишна програма за работа и презема мерки за нејзино спроведување;

– извршува одлуки на управниот одбор;

– врши исплаќање на средства согласно со годишниот финансиски план на студентскиот дом;

– врши избор на вработени;

– врши сместување на примени студенти;

– предлага до Министерството број на студенти кои треба да престојуваат во следната студиска година;

– одлучува за распоредување на вработените;

– одлучува за престанок на работниот однос на вработените;

– поднесува извештај за реализација на годишната програма и за материјално-финансиското работење на установата до управниот одбор и до Министерството;

– врши и други работи предвидени со закон и други акти на студентскиот дом.

 

Член 50

Управниот одбор на Домот, три месеци пред истекот на мандатот на постојниот директор, донесува одлука за распишување на јавен оглас за избор  на директор.

 

Член 51

Во објавениот оглас во јавните гласила се содржани условите кои треба да ги исполнува кандидатот за директор, потребната документација, времето на траење на јавниот оглас и рокот во кој ќе се изврши изборот

 

Член 52

Пријавените кандидати ги доставуваат потребните документи согласно со огласот до управниот одбор.

Пристигнатите документи ги прегледува тричлена комисија од редот на членовите на управниот одбор која работи согласно со статутот на Домот.

Комисијата е должна во рок од пет дена по завршување на огласот да ги разгледа пристигнатите документи.

На кандидатите кои не ги исполнуваат условите предвидени во огласот им се враќаат документите со образложение.

 

Член 53

Управниот одбор може да побара дополнителни документи од кандидатите кои ги исполнуваат условите, согласно со одредбите на статутот на Домот.

Членовите на управниот одбор вршат интервју со кандидатите кои ги исполнуваат условите за директор.

 

Член 54

Управниот одбор на Домот во рок од седум дена од извршениот разговор со кандидатите му предлага на Министерот кандидат за избор на директор.

 

Член 55

Министерот во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот за кандидат за директор, врши избор на директор на Домот.

 

Член 56

Кандидатите кои не се избрани, во рок од осум дена од денот на приемот на одлуката за избор, имаат право на жалба по однос на спроведувањето на постапката  за избор на директор до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Против одлуката на комисијата, кандидатот има право да поведе управен спор пред надлежниот суд.

 

Член 57

На директорот на Домот му престанува мандатот ако:

-сам тоа го побара;

-трајно ја загуби способноста за вршење на должноста директор;

-со навршување на 64 години старост.

 

Член 58

Директорот на Домот се разрешува пред истекот на мандатот ако:

– е направена повреда при извршување на закони,други прописи и општи акти,утврдени од страна на Државен просветен инспекторат;

– не ја остварува програмата за работа на државниот студентски дом;

– по негова вина е нанесена штета на студентскиот дом  или студентите и на Република Македонија;

– дозволи организирање на дејности  и активности што се во спротивност со програмата за работа;

– дозволи исплаќање на средства кои не се утврдени во годишниот финансиски план на студентскиот дом;

– во други случаи утврдени со закон.

 

Член 59

На директорот на Домот може да му престане мандатот на начин и постапка согласно закон.

 

 

  1. IX. РАБОТНИЦИ

 

Член 60

Во студентските домови работните места на вработените се групираат:

– административни службеници и

– помошно-технички лица.

Засновањето на работен однос, начинот и постапката за избор се врши во согласност со Закон и Колективен договор.

 

Член 61

Работник со степен на образование од IV-VII/1 степен кој за прв пат се вработува во Домот е приправник.

Приправничкиот стаж трае една година.

Во текот на приправничкиот стаж работникот се оспособува за самостојна работа.

 

Член 62

Приправникот во Домот полага стручен испит.

Стручниот испит се полага  според утврдена програма пред стручна комисија формирана од Директорот на Домот.

 

 

  1. СОВЕТ НА СТАНАРИ

 

Член 63

Советот на станари на Домот е составен од претставници од посебните Совети на станари од секоја организациона единица и се состои од седум членови и тоа: два члена од Советот на станари на Студенски дом „Кузман Јосифовски Питу“ – Скопје, два члена од  Советот на станари на Студентски дом „Гоце Делчев“- Скопје, еден член од Студентски дом „Невена Ѓорѓиева Дуња“- Скопје и два члена од Советот на станари на Студентски дом „Стив Наумов“- Скопје, за време од една година и никој не може да биде избран повеќе од  два пати.

Членовите од своите редови, по пат на гласање избираат претседател на Советот на станари.

Секоја посебна организациона единица на Домот има свој посебен Совет на станари, чиј број на членови е различен во зависност од бројот на студентите – станари во посебната организациона единица на Домот.

 

Член 64

Во Студентски дом ,,Кузман Јосифовски Питу“ – Скопје, Советот на станари има 11 членови.

Во Студентски дом ,,Гоце Делчев“- Скопје, Советот на станари има 15 членови.

 

Во Студентски дом ,,Невена Ѓорѓиева Дуња“- Скопје, Советот на станари има 9 членови.

Во Студентска населба ,,Стив Наумов“- Скопје Советот на станари има 13 членови.

 

Член 65

Изборот на членови на Советот на станари го спроведува и го врши Претседателството на Студентски парламент на Универзитет Св. Кирил и Методиј- Скопје, согласно објавениот Конкурс.

 

Член 66

Членовите  во Советот на станари  на посебните организациони единици се избираат од  редот на студентите станари во домот – населбата, за време од една година и никој не може да биде избран повеке од два пати.

 

 

Член 67

             Советот на станари ги врши следниве работи:

– разгледува прашања и дава мислење за подобрување на животот и работата на

студентите во студентскиот дом,

– соработува со директорот и со други вработени во студентскиот дом и

– врши други работи од интересот за престојот на студентите во домот.

                                                          

ХI. ФИНАНСИРАЊЕ НА ДЕЈНОСТА ВО ДОМОТ

 

Член 68

Средства за финансирање на Домот се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија согласно со Законот за буџетите, Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија, како и од корисниците на услуги.

 

Член 69

(1) Домот може да стекнуваат средства и од:

– партиципација на корисниците на услуги;

– продажба на производи и услуги кои се резултат на вршење на дополнителна дејност и

– легати, донации, завештанија и други извори.

(2) Средствата од ставот (1) на овој член ќе се користат согласно со финансискиот план на Домот.

 

 

XII. НАДЗОР

Член 70

(1) Надзор над спроведувањето на одредбите од овој Статут и прописите донесени врз основа на овој Статут врши Министерството.

(2) Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој Статут и актите донесени врз основа на овој закон врши Државниот просветен инспекторат, согласно со закон.

 

 

XIII.  ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

 

Член 71

За  одделни прашања што не се уредени со овој Статут, ќе се уредат согласно Законот за студентскиот стандард и врз основа на тој закон донесени  правилници, одлуки, упатства, решенија и други акти, донесени од страна на органите на управување на Државниот студентски дом „Скопје“ – Скопје.

 

 

Член 72

Измени и дополнувања на Статутот се вршат по постапка како за неговото донесување.

 

 

Член 73

Општите акти на Домот ќе се усогласат со овој Статут  во рок од шест месеци од неговото влегување во сила.

 

Член 74

Со денот  на влегување во сила  на овој Статутот престанува да важи Статутот на Државен студентски дом „Скопје” – Скопје, со бр. 02-1831 од 18.12.2013 година.

 

Член 75

Овој  Статут  влегува во сила со денот на неговото донесување, а ќе се применува  по добивањето на согласност од Министерството.

 

 

 

 

 

 

ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УПРАВЕН ОДБОР

______________________________________